الملك
Власта • 30 ајети • Меканска
بِسْمِ ٱللَّهِ ٱلرَّحْمَٰنِ ٱلرَّحِيمِ
11. Благословен е Тој во Чијашто рака е власта – Тој може сè!
22. Тој што ги даде смртта и животот за да ве искуша кој од вас подобро ќе постапува; Тој е Силниот, Тој што простува,
33. Тој што седумте неба едни врз други ги создаде како слоеви – ти во тоа што Семилосниот го создава не гледаш никаков несклад, па повторно погледни да не видиш некаков недостаток,
44. потоа повторно двапати погледни, погледот ќе ти се врати истоштен и уморен.
55. Ние најблиското небо со сјајни светилки го украсивме и ги направивме оган за гаѓање на шејтаните, за коишто подготвивме страдање во огнот.
66. А за тиe што не веруваат во својот Господар, им припаѓа казна во Џехенемот, а тој е ужасно престојувалиште!
77. Кога во него ќе бидат фрлени, бучењето негово ќе го чујат, и тој ќе врие,
88. скоро да се распадне од бес. Кога и да се фрли група на луѓе во него, стражарите во него ќе ги запрашаат: „Зарем никој не доаѓаше да ве опоменува?“
99. „Да, доаѓаше тој што нè опоменуваше“ – ќе одговорат – „а ние негиравме и велевме: ,Аллах не објавил ништо, вие сте во голема заблуда!‘“
1010. И ќе речат: „Да слушавме или да размислувавме, немаше да бидеме меѓу жителите на огнот!“
1111. И тие ќе ги признаат своите гревови – па, жителите на Џехенемот огнен далеку нека бидат од нас!
1212. За тие коишто од Господарот свој се плашат, дури и кога никој не ги гледа, има прошка и награда голема!
1313. Било да зборувате вие тивко или гласно – па Тој сигурно ги знае мислите сечии!
1414. А како и не би знаел Тој што создава, Тој што сè детално знае, Којшто за сè е известен.
1515. Тој Земјата погодна ви ја направи, па одете по пределите нејзини и хранете се со тоа што Тој го дава, Нему по оживувањето ќе Му одговарате.
1616. Дали сте сигурни дека Тој што е на небесата нема в земја да ве втера, кога таа ќе почне ненадејно да се тресе?
1717. Или, дали сте сигурни дека Тој што е на небесата нема вам ветер со камења да ви прати? Тогаш би дознале каква е заканата Моја!
1818. А негираа и тие пред нив, па каква само беше казната Моја!
1919. Зарем тие не ги гледаат птиците над себе како со раширени крилја летаат, а и ги собираат? Само Семилосниот ги држи; Тој навистина сè добро гледа.
2020. Или кој е тој што ќе биде ваша војска и ќе ви помогне вам, освен Семилосниот?! – Неверниците себе се залажуваат.
2121. Или, кој е тој што ќе ве нахрани, ако Тој храната своја ја скрати? – Но, тие се упорни во горделивоста и во бегањето од вистината.
2222. Дали е поупатен тој што оди наведнат со лицето кон земјата или тој што по Правиот пат исправено оди?
2323. Кажи: „Тој ве создава и ви дава слух и вид и ум, а вие малку заблагодарувате!“
2424. Кажи: „Тој по Земјата ве расеа и пред Него ќе бидете собрани.“
2525. А тие говорат: „Кога веќе еднаш ќе се случи таа закана, ако вистината ја зборувате?!“
2626. Кажи: „Само Аллах знае! Јас сум должен само јавно да опоменувам.“
2727. Кога казната одблизу ќе ја погледнат, очај ќе ги прекрие лицата на тие што не веруваа и ќе биде речено: „Еве, ова е тоа што го избрзувавте!“
2828. Кажи: „Кажете ми вие мене: ако Аллах мене ми испрати смрт и на тие што се со мене, или ако ни се смилува, кој ќе ги заштити неверниците од неиздржливото страдање?“
2929. Кажи: „Тој е Семилосниот, во Него веруваме и врз Него се потпираме, а вие сигурно ќе дознаете кој е во јасна заблуда.“
3030. Кажи: „Што мислите, ако ви пресушат водите, кој ќе ви даде протечна вода?“